Косово доби армија

Косовските безбедносни сили

Косовските пратеници ги изгласаа сите три закони кои се однесуваат на промена на мандатот ма Косовските безбедносни сили(КБС), со што Косово и официјално влезе во процес на добивање своја армија.

„Со ова гласање денеска почнува една нова епоха за нашата држава. Од овој момент официјално имаме војска на Косово“, изјави претседателот на Косовскиот парламент, Кадри Весели.

Во собраниската сала се и кадетите на Безбедносните сили, кои од овој момент се војници.

Изгласувањето на секој од трите закони – Законот за Министерство за одбрана, Законот за Косовските безбедносни сили и Законот за служба во безбедносните сили, беше проследено со аплаузи.

На седницата се присутни 107 од 120 пратеници, зашто пратениците од Српската листа не присуствуваат на седницата.

Косовските безбедносни сили би требало да имаат 8.000 припадници, од кои пет илјади активни и три илјади резервисти. Транзицијата на Косовските безбедносни сили во војска треба да трае 10 години.

Меѓународната заедница е поделена во однос на прашањето за Косовска армија, а пред сè САД и земјите-членки на НАТО. САД поддржуваат формирање косовска војска, но челниците на НАТО велат дека Приштина ќе се соочи со сериозни последици ако продолжи со процесот.

Србија исто така се противи, велејќи дека формирањето косовска војска го доведува целиот регион во највисок степен на опасност.

Поради немањето поддршка од српските пратеници, владата на Рамуш Харадинај се одлучи за законски, наместо со уставни измени, така што името на силите ќе остане исто, односно Косовски безбедносни сили, а кога ќе се постигне договор со косовските Срби тоа да се промени по пат на уставни измени.

Како одговор на овој чекор од Приштина, северна Митровица денеска е накитена со српски знамиња, додека во Приштина се истакнати знамињата на сојузниците на Косово.