Германија ја поддржува трансформацијата на Косовските безбедносни сили (ФСК) во војска на Косово, но повторува дека смета оти овој процес не треба да биде избрзан и треба да е сеопфатен, со вклучување и на немнозинските етнички заедници, јави дописникот на МИА од Приштина. Во писмена изјава до „Коха Диторе“ пред утрешното гласање во Собранието на Косово за трансформацијата на ФСК, Германската амбасада вели дека Берлин смета оти Косово треба да има своја војска, но оти процесот треба да се изведе внимателно.
“Германската позиција, како што изјавивме и порано, е дека Косово, како независна држава, има право на свои вооружени сили. Ние нагласивме дека овој процес не треба да биде избрзан и треба да биде сеопфатен, посебно во однос на немнозинските заедници”, се вели во соопштението на Германската амбасада.
Пакетот закони со кои Безбедносните сили треба да се трансформираат во војска, Амбасадата ќе го анализира откако ќе биде усвоен во Собранието, но порачува дека таа иницијатива не смее да се злоупотреби од ниедна од страните во односите меѓу Косово и Србија.