Српскиот нарко бос Дарко Шариќ осуден на 15 години затвор

Дарко Шариќ

Специјалниот суд во Белград денеска го осуди Дарко Шариќ на повторената постапка на 15 години затвор поради организирање криумчарење на кокаин. Шариќ е осуден на максимална казна и останува во притвор. Дарко Шариќ е осуден како организатор на групата, која прокриумчари 5,7 тони кокаин од Јужна Америка во Западна Европа во текот на 2008 и 2009 години. Неговите соработници и припадници на групата се осудени на казна од една до 15 години затвор. Групата на Шариќ е осудена вкупно на 300 години затвор. Двајца од обвинетите се ослободени од обвинение за помагање на извршителите по извршеното кривично дело.

Таа пресуда е изречена во повторена постапка, откако Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда од јули 2015 година, со која Шариќ беше осуден на 20 години затвор, а останатите на повеќегодишни затворски казни. Апелацискиот суд тогаш оцени дека првостепениот суд го прекршил законот кога не го применил поблагиот закон, кој е донесен во 2005 година. Според Кривичниот законик од 2005 година, за неовластено производство и ставање во промет опојни дроги, предвидена е казна од пет до 15 години затвор, а Шариќ овој пат е осуден на максимална затворска казна.

Неговиот адвокат најави жалба на пресудата.