Каракачанов се закани со блокирање на македонските евроинтеграции

Красимир Каракачанов

“Господине Заев, не ја злоупотребувајте темата за македонскиот јазик. Тоа може да ве чини членство во ЕУ и во НАТО,” му порача бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов на премиерот Зоран Заев.

Во неговата изјава на фејсбук тој нагласува дека „македонските земји се бугарски и тоа е историски факт”. Каракачанов вели дека нема дозволи компромиси со историјата на Бугарија, коментирајќи ја изјавата на Заев во македонскиот Парламент дека со Договорот со Грција се признава македонскиот јазик и никој нема право да се спротивставува на тоа.

„Северна Македонија е географско именување кое вклучува и земји од Република Бугарија. Заев утре може да посака целосно идентичен бугарски дијалект да биде изучуван како официјален странски јазик кај нас. Тоа е недозволиво. Тоа е провокација”, вели Каракачанов.

Според Каракачанов, историјата на денешна Македонија е заедничка со онаа на Бугарија до 1944 година, па бара анекс на Договорот за добрососедство во кој официјалните власти од другата страна на границата ќе го признаат тоа.

„Ако се против тоа, нема да добијат наша поддршка за НАТО и ЕУ. Нема да дозволам компромиси со историјата”, пишува Каракачанов на неговиот фејсбук профил.