Партиски препукувања за прислушувањето во Обвинителството

“Повторно сме пред една од најнекредибилните институции во државата и институцијата со никаква доверба кај граѓаните, тоа е Јавното обвинителство”, обвини денеска Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. Тој ги праша обвинителите зошто се плашат и го одмолчуваат скандалот каде што лично тие се прислушувани и се цел на напади.

“Срамот кој во моментов го трпи оваа институција позади мене покажува само во каква состојба ни се наоѓа судството и обвинителството во Република Македонија, каде што знаеме и самите дека нема ниту правда, нема ниту правдина”, изјави Арсовски.

Од владејачката партија одговорија дека вистинската адреса за нелегално прислушување е дворецот на ВМРО-ДПМНЕ, центарот на сите злоупотреби и прекршувања на човековите права.

“Портпаролот на лицемерното и антинародно раководство на ВМРО-ДПМНЕ повторно ја има погрешено адресата. Вистинската адреса за најголемиот скандал со нелегално прислушување е пред скапоцениот дворец на ВМРО-ДПМНЕ. Токму таа зграда е сибмол на масовна и груба злоупотреба на институциите, симбол на масовно кршење на човековите права”, се вели во соопштението на СДСМ.

Оттаму додаваат дека токму на „осмиот спрат“ од дворецот, според јавни признанија во судска постапка бил центарот кој координирал со бруталниот упад во Собранието кога беа загрозени животите на пратеници, новинари и вработени во Собранието.