Судири меѓу полицијата и „жолтите елеци“ во Франција, протести и во Белгија и Холандија

Солзавец на протестите на жолтите елеци во Париз

Протестите на „жолтите елеци“ во Франција утрово почнаа драматично, со апсење на 320 лица и фрлање солзавец. На улиците се распоредени 89.000 полицајци и оклопни возила на француската жандармерија. Француската полиција соопшти дека утрово превентивно се уапсени 320 лица под сомнение дека планирале насилства врз луѓе или уништување објекти. Превентивните апсења се спроведени при контролата на личните исправи и претрес на демонстрантите на главните пунктови каде утрово се собираат. Во делови на Париз дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите, по што безбедносните сили употребија солзавец. Во обид да стасаат до Елисејската палата беа пресретнати од полициските сили, по што избија судирите.

Во меѓувреме исти протести денеска ќе се организираат и во Белгија и Холандија. Ниту една од овие две земји не предложи зголемување на таксите на горивото, што беше катализатор за масовните демонстрации во Франција во последните недели. Стотици белгиски полицајци се мобилизирани во Брисел, каде „жолтите елеци“ минатата недела се судрија со полицијата и запалија две полициски возила. Тогаш беа уапсени 70 лица. Дел од денешните протести се планирани пред главните институции на Европската унија, кои не работат во сабота, а останатите се закажани за во центарот на белгиската престолнина. Во Холандија, за денеска се планирани мирни протести во Амстердам и Ротердам.