Заев - прифатливи предлози ќе можат да станат дел од уставните амандмани

Архива - премиерот Зоран Заев.

Премиерот Зоран Заев денеска ја отвори првата јавна дебата за нацрт амандманите на Уставот. Тој истакна дека се можни прифатливи предлози кои би можеле да станат дел од нив, а се изнесени на дебатата во собраниската Комисија и на пленарната седница.

Дел од овие предлози се за домашната примената на Договорот, во Преамбулата таму каде што се зборува за референдумот од 1991 година да биде вметнато и Уставот, за граѓаните кои живеат во нејзините граници да стои “и граѓаните кои се дел од албанскиот народ.”

Заев исто така рече оти е важно во делот на државјанството да се прецизира што е државјанство, а што етничка припадност.

“Морам да признаам дека се консултираме со Грција и тие со нас“ рече Заев. Тој додаде дека за некои од овие предлози има позитивни мислења кај членовите на Владата.

Тој исто така потсети дека во нацрт амандманите се вградени предлози на осумтемина пратеници и посочи на одлуката уставните измени да стапат на сила само доколку Грција ги ратификува Договорот од Преспа и Протоколот за наше членство во НАТО.

Денеска во Владата се одржува првата од петте јавни расправи за четирите нацрт-уставни амандмани, по што по пет дена ќе треба се достави извештај до Собранието, а потоа претседателот на Собранието Талат Џафери за 30 дена да закаже пленарна седница на која ќе биде потребно двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени.