Една источна држава рече дека не се сложува со Преспанскиот договор и дека ќе бара Советот за безбедност на ОН да го разгледа можниот конечен договор за името на Македонијa. Но таа држава нема правна аргументација за тоа, одговори премиерот Зоран Заев на примедбата од опозицијата дека Русија ќе предложи Советот за безбедност на ОН да го разгледа можниот конечен договор за името на Македонијa.
„Таа држава нема правна аргументација. Четири од пет членки на Советот за безбедност го кажаа својот став по прашањето за договорот меѓу двете држави“, рече Заев на пленарната собраниска седница на која денеска почна втората фаза од постапката за уставните измени, согласно Преспанскиот договор.