Над 100 осуденици избегаа од затвор во западна Индонезија, откако го совладале стражарот за време на молитвата, информира денеска полицијата. Бегството на 113 затвореници се случило синоќа, кога сите 720 затвореници биле пуштени од ќелиите за да учествуваат на вечерната молитва, наведуваат властите. Според полицијата, бегалците, главно луѓе осудени за дела поврзани со дрога, очигледно го планирале бегството, пренесува Асошиејтед прес.
Со тегови и метални прачки, затворениците ја пробиле оградата и избегале преку оризовите полиња. Стражарот е полесно повреден.
Најмалку 26 избегани се веќе фатени, а полицијата трага по останатите.
Бегствата од преполните затвори се чести во Индонезија. Минатата година од затвор избегаа 440 осуденици, исто така за време на молитвата, а во 2013, за време на затворски бунт, избегаа околу 240 затвореници, меѓу кои и неколкумина осудени за тероризам.