Со 62 гласа „за“ пратениците изгласаа да му се одзеде имунитетот на пратеникот Никола Груевски. Во салата не беа присутни пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а останатите без дискусија изгласаа да му биде одземен имунитетот, постапувајќи по барањата од кривичниот суд кој бара притвор за Груевски. Пратениците гласаа за шест барања за притвор кои стигнале од кривичниот суд до Собранието.
За одземањето имунитет е потребно просто мнозинство.
Собраниската комисија за за деловнички и мандатно имунитетни прашања, претходно со пет гласа „за” ги усвои шесте барања од судот за одземање на имунитетот на Груевски, кој избега од Македонија и доби политички азил во Унгарија.
Неодамна, пратениците се обидоа да му го одземат и пратеничкиот мандат на експремиерот Никола Груевски, но не успеаја да обезбедат двотретинско мнозинство. По бегството на Груевски, претседателот на Собранието во координација со пратеничките групи одлучи по шест месеци неоправдано отсуство да се обидат уште еднаш да му го одземат мандатот. Дотогаш Груевски ќе зема намалена пратеничка плата.