Иванов - На Балканот му е неопходна политичка, безбедносна и економска поврзаност

Претседателот Ѓорге Иванов се обрати на Самитот Босфор во Истанбул

Претседателот Ѓорге Иванов од Самитот „Босфор“ во Истанбул порача дека е неопходна политичка, безбедносна, економска, транспортна и дигитална поврзаност меѓу државите за да може компаниите бидат поконкурентни на глобалниот пазар, државите поуспешни во создавањето услови за просперитет на младите, а регионите поатрактивни за директни странски инвестиции. Осврнувајќи се на предизвиците со коишто денес се соочуваат економиите, Иванов ги посочи одливот на стручен кадар и застарениот начин на функционирање на дел од компаниите.

Според него, за да се надмине регионалната фрагментираност, неопходна е политичка и безбедносна поврзаност, а за Балканот тоа е членството во Европската унија и во НАТО.

Целта на Самитот „Босфор“, што се одржува под покровителство на турскиот претседател, е да обезбеди платформа за дијалог и да се поттикне економската соработка меѓу државите. Во рамки на посетата на Турција, претседателот Иванов, како што најавуваат од неговиот Кабинет, ќе ја посети Бурса, каде е предвидено да одржи предавање на Универзитетот „Улудаг“.