Убиен сомалиски верски лидер

Градот Галкајо во Сомалија

Познатиот сомалиски исламски лидер, Шеик Абдивели Али Елми и најмалку 17 негови следбеници денеска биле убиени во напад врз неговиот дом во градот Галкајо, соопшти полицијата. Според нивните наводи, двајца бомбаши самоубијци се разнеле пред куќата на проповедникот, која истовремено е и суфиско светилиште, по што четворица вооружени напаѓачи влегле во објектот и почнале да пукаат во присутните. Во нападот има уште 20 ранети.

По доаѓањето на полиција почнала вооружена престрелка во која биле убиени тројца од напаѓачите, додека четвртиот бил фатен жив.

Одговорноста за нападот ја презеде сомалиската екстремистичка организација Ал-Шабаб.

Убиениот проповедник имаше стотици следбеници, а стана тема на контроверзии кога се појавија снимки на кои со следбениците пее верски песни во придружба на музика, за што некои екстремисти тврдат дека не е исламски.

Елми тврдеше дека музиката не е спротивна на исламските учења.