Димитров- остануваме посветени на финализирање на Договорот од Преспа

Архивска фотографија- Прес-конференција на министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров

На многу начини, во овој момент се наоѓаме на ист брод, а нашите обиди се на иста линија, вели министерот за надворешни работи, Никола Димитров во однос на перспективата за завршување на обврските од Договорот од Преспа, во изјава за грчките медиуми, на министерскиот состанок од Солун.

“Тешкотиите со кои што се соочуваме и овие кои гледам дека постојат и во Грција, за мене, докажуваат дека стигнавме до еден добар компромис, што ги покрива најважните прашања и загриженостите на двете страни и остануваме посветени на финализирање на договорот”, рекол Димитров во изјавата, пренесе грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во однос на заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, Димитров вели дека минатата средба во Солун била продуктивна и конструктивна и најавува набргу нов состанок, јави дописничката на МИА од Атина.

“Мислам дека повторно ќе се сретнат набргу, на крајот од оваа или на почетокот од следната година. Тие ја одобрија методологијата на нивната работа и мислам дека климата и атмосферата од првиот состанок беа многу охрабрувачки и мислам дека можеме да очекуваме добри резултати”, вели Димитров.