Откако Вишиот суд во Подгорица донесе решение за притвор на Бранка Милиќ, обвинета за обид за тероризам за време на парламентарните избори во Црна Гора на 16 октомври 2016 година, таа ја напушти судската зграда и избега во српската амбасада. Судот ѝ одреди мерка притвор поради опасноста од бегство, бидејќи изјави дека повеќе нема да присуствува на судењето. Адвокатот Мироје Јовановиќ изјави дека никој не може да ја уапси или да ја исфрли неговата клиентка од српската амбасада.
Бранка Милиќ, која е српска државјанка, од октомври минатата година се брани од слобода и е сместена во еден од манастирите каде што и е обезбедена храна и здравствена заштита.
Во Црна Гора во тек е судењето за обидот за тероризам на денот на парламентарните избори, на кое се обвинети и поранешниот шеф на српската жандармерија Братислав Дикиќ, водачите на опозицискиот Демократски фронт, Милан Кнежевиќ и Андрија Мандиќ и други лица со српско и црногорско државјанство. Меѓу обвинетите се и руските граѓани Едуард Шишмаков и Владимир Попов, на кои им се суди во отсуство.
Црногорските медиуми денеска, повикувајќи се на истражувањето на Билингкет и на руски Инсајдер, објавија дека вистинското име на Владимир Попов е Владимир Николаевич Мојсејев – кој е агент на руската воена разузнавачка служба ГРУ. Во деталниот истражувачки текст на Билингкет и Инсајдер се открива и со повеќе докази се потврдува дека Попов/Мојсејев е обучен руски агент, дека е полковник или потполковник на руската воена разузнавачка служба и од ноември 2016 година се наоѓа во Москва каде што продолжил да работи под покровителство и заштита на Кремљ.