Протест на косовските Срби, километарска колона на излезот од северна Митровица

Протест на Србите во северна Митровица

Голем број граѓани од српска националност од северна Митровица, како и од други делови на Косово, се упатија на протест кој се организира поради воведувањето такса од 100 отсто на увозите од Србија, но и поради денешните апсења во северна Митровица, јави дописникот на МИА од Приштина. На излезот од северна Митровица формирана е колона долга неколку километри од граѓани кои се упатија кон Рударе, местото каде што се организира протестот. Мирни протести се најавени на уште три локации, во Зупче и на граничните премини меѓу Косово и Србија, Јариње и Мердаре. Забележително е и присуството на припадници на косовската полиција, која го обезбедува протестот. Демонстрантите носат транспаренти: „ЕУ отвори очи“, „Не ги изгладнувајте нашите деца“, „Не сакаме во гета“, објави српската новинска агенција Бета.

Косовските власти соопштија дека уапсиле четворица луѓе како дел од истрагата за убиството на српскиот политичар во Косово, Оливер Ивановиќ. Меѓу уапсените има и двајца полицајци.

Српскиот претседател Александар Вучиќ реагира дека денешните апсења се најсилниот обид за загрозување на опстанокот на Србите во северно Косово.