Хамас објави фотографија од маскирани израелски војници, цензорот предупредува на опасност

Појасот Газа по израелското бомбардирање на 13 ноември

Палестинското екстремистичко движење Хамас објави фотографии од маскирани израелски војници кои на 11 ноември се уфрлиле на југот на Појасот Газа. Военото крило на Хамас, Бригадите ал Касам, испратија слики од две жени, шестмина мажи, автомобил и камион, тврдејќи дека ги откриле деталите од неуспешната мисија, како и „кој ја извел и кој стои зад неа“, пренесуваат новинските агенции.

Израелскиот воен цензор синоќа предупреди да не се објавуваат фотографиите, а военото крило на Хамас, кој владее со Појасот Газа, апелира да им се дадат информации додека трае истрагата.

Во неуспешната израелска операција загинаа седуммина припадници на Хамас, вклучувајќи и еден командант, и еден израелски потполковник. Израел даде малку детали за операцијата, соопштувајќи само дека се работело за мисија за собирање разузнавачки податоци.

Во знак на одмазда, палестинските екстремисти испукаа 460 ракети и минофрлачки проектили врз Израел. Израелската армија одговори со воздушни напади врз 160 мети во Појасот Газа.

Со посредство на Египет, на 13 ноември беше постигнат прекин на огнот со што завршија судирите кои се закануваат дека може да предизвикаат четврта војна меѓу Израел и палестинските екстремисти во Газа од 2008 година.