СЈО поднесе обвинение за Талир против Груевски, Божиновски, Јанакиески, Димоски...

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

СЈО денеска соопшти дека поднело две обвиненија за случајот Талир за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Заради целисходност, СЈО поднело две обвиненија – едното за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, а другото за незаконската изградба на седиштето на партијата.

Во првото обвинение се опфатени поранешниот партиски лидер Никола Груевски, поранешниот генерален секретар на партијата Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и пратеникот Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска. Тие се обвинети дека незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра во кеш за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро сметката на партијата преку уплатници на име на различни луѓе.

За изградбата на новото партиско седиште, пак, се обвинети Никола Груевски и Кирил Божиновски. Тие склучиле договор за изградба на објектот со ДГ Бетон, иако според законот не смееле затоа што оваа фирма имала склучено договори за јавни набавки со други државни институции. Со договорот со Бетон тие договориле „несразмерна корист“ за ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин се стекнале со имотна корист од над 8 милиони евра за партијата.

СЈО бара притвор за Никола Груевски и одземање на пасошот за Елизабета Чингаровска за овој случај.