На Груевски за „Траекторија“ ќе му се суди во отсуство

Судечкиот совет со кој претседава судијата Горан Бошевски, на денешното рочиште за „Траекторија“, на барање на СЈО, донесе одлука на обвинетиот Никола Груевски, кој избега и доби политички азил во Унгарија да му се суди во отсуство и да биде издаден налог за притвор. Судијата Бошевски констатира дека обвинетиот Никола Груевски не е достапен на органите на прогон, дека се наоѓа на територијата на Унгарија и оти против него е распишана меѓународна потерница. Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова побара, со оглед дека обвинетиот Груевски е во бегство, да му се суди во отсуство и денешната главна расправа да продолжи со изведување докази.

Бранителот на Груевски, Еленко Миланов, наведе дека поради економичност на постапката подобро е таа да биде раздвоена за обвинетиот Никола Груевски. Обвинителката Стефанова, на таквиот предлог се спротивстави и посочи оти судот не треба со раздвојување на постапката да дозволи делото да застари.

Во „Траекторија“ се обвинети и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е во притвор, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски. Според обвинението на СЈО, тие во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.