Дармановиќ: Немавме правна основа да го задржиме Груевски

Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, денеска во Скопје изјави дека Црна Гора немала никаква правна основа да го задржи поранешниот премиер Никола Груевски при преминувањето низ територијата на државата и дека за транзитот на Груевски црногорските служби ги информирале македонските.

„Одговорот е едноставен бидејќи нашата позиција беше едноставна. Ние немавме никаква правна основа да го задржиме македонскиот граѓанин односно поранешниот премиер во автомобилот со дипломатски таблички од една странска земја бидејќи во моментот кога тој преминуваше преку територијата на Црна Гора на нашите гранични премини немаше никакви сигнали дека станува збор за лице кое е вон законот“, рече Дармановиќ на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот македонски колега и домаќин, Никола Димитров.