Германски пратеници велат дека случајот Груевски „смрди до небо“

Пратеници на германскиот Бундестаг велат „Унгарија да не се претвора во продолжена рака на автократот Никола Груевски, а Македонија да разјасни дали бегството уследило по дозвола од тамошните власти“, објави Дојче веле. Во изјава за истиот медиум, пратеникот и член на парламентарната комисија за надворешна политика, Јосип Јуратовиќ, вели дека „во случајот Груевски нешто смрди“.

„Ако работата се погледне подобро, таа смрди до небо. Случајот Груевски со тоа станува лакмус тест за веродостојноста на правната држава во Унгарија“, вели Јуратовиќ, додека според неговиот колега Андреј Хунко од германска Левица, унгарската Влада штити правосилно осуден бегалец.

„Очигледно не се работи за азил за политички прогонувано лице. Тоа и натаму ја поткопува довербата во правната држава во Македонија, во Унгарија и пошироко. Меѓутоа, треба да се разјасни и дали бегството на Груевски уследило по дозвола на македонските власти, како што многумина во Скопје претпоставуваат“, изјави Хунко.