Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во врска со водечкиот опозициски политичар е еднаква на поддршка за тероризам. Турскиот претседател додаде дека „крвта на 50 луѓе е на рацете на Селахатин Демирташ“.
Европскиот суд за човекови права вчера пресуди дека Турција мора да го ослободи Демитраш кого го држи во притвор од 2016 година. Судот соопшти дека првичното апсење на прокурдскиот политичар за бројни обвиненија, вклучувајќи ги и оние за тероризам, било оправдано. Сепак, продолжувањето на мерката притвор во неколку наврати, според ЕСЧП, била политички мотивирана и не може да се оправда.
Народната демократска партија, која е предводена од Демирташ, ја поздрави пресудата и оцени дека тоа значи оти другите уапсени пратеници веднаш треба да бидат ослободени.
Судот во пресудата наведе дека долгите притвори на политичките противници на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган очигледно се политички мотивирани.