Поради краткиот временски период за доставување барање за спровод на поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков од притвор, денешното рочиште за „Тврдина -Таргет“ за незаконското следење на комуникациите е одложено за 4 декември годинава.
Во предметот „Тврдина-Таргет“ обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Сашо Мијалков и Горан Грујевски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1,4 милиони евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.
На поранешниот директорот на УБК, Мијалков, Кривичниот суд вчера му одреди 30-дневен притвор на барање на Специјалното јавно обвинителство токму за овој предмет.