Трамп одговори во истрагата за руското мешање

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп писмено одговори на прашањата за руското мешање

Адвокатите на американскиот претседател Доналд Трамп соопштија дека тој во писмена форма одговорил на прашањата на специјалниот советник Роберт Мулер за наводното мешање на Русија во изборите во 2016 година.

Во изјавата што ја даде адвокатот Руди Џулијани, исто така се потврдува позицијата на Трамп дека тој не направил ништо лошо.

„Специјалниот советник доби повеќе од 30 сведоци, милион и 400 илјади страници материјал, а сега и писмени одговори од претседателот. Време е да се затвори ова прашање“, наведува Џулијани.

Давањето на писмените одговори на Трамп е голем чекор во неколкумесечните разговори меѓу адвокатите на Трамп и иследниците на Мулер.

Во еден момент, Мулер бараше лично интервју со Трамп, но адвокатите го советуваа претседателот да не го прифати тоа.

Доколку Трамп не се согласеше на писменото сведочење, се можеше да заврши пред Врховниот суд.

Трамп пак, деновиве изјави:

„Моите адвокати не работат на тоа. Јас работам на тоа. Ги пишувам вистинските одговори. Моите адвокати не пишуваат одговори. Пишувам одговори. Бев запрашан за серија прашања. Многу лесно им одговорив, многу лесно“.

Во изјавата објавена од другиот адвокат на Трамп, Џеј Секулов се наведува дека правниот тим нема да издаде копии од прашањата и одговорите.

Во мај 2017 година, Мулер ја презеде истрагата на ФБИ за соработката на советниците на Трамп со руски функционери за време на изборната кампања во 2016 година.

Мулер го замени директорот на ФБИ, Џејмс Комеј, кој истиот месец беше отпуштен од Трамп.

Од тоа време, седум лица се изјаснија за виновни или биле осудени за овој случај, вклучувајќи го и поранешниот претседател на кампањата на Трамп и неговиот поранешен советник за национална безбедност.

Исто така, обвинети се уште 26 лица, заедно со три руски компании.

Трамп постојано негира дека сторил нешто лошо.

„Мислам дека потрошивме доволно време за лов на вештерки“, вели тој, додавајќи:

„Никогаш не требало да има никаква истрага за Мулер, бидејќи никогаш ништо не беше направено погрешно. Немаше дослух, никогаш не постоел. Вие би знаеле за тоа многу одамна, ако имало. Тие трошат милиони и милиони долари“.

Трамп се приклучи на листата на поранешни претседатели кои беа испрашувани како дел од кривична истрага, меѓу нив и Џорџ В. Буш и Бил Клинтон.

Американските разузнавачки агенции заклучија дека Русија се мешала во изборите за да ги поткопа шансите на демократскиот ривал на Трамп, Хилари Клинтон.