Турција мора да го ослободи водечкиот опозициски политичар кого држи во притвор од 2016 година, пресуди денеска Европскиот суд за човекови права (ЕЦХР). Судот соопшти дека првичното апсење на прокурдскиот политичар Демирташ за бројни обвиненија, вклучувајќи ги и оние за тероризам, било оправдано.
Сепак, продолжувањето на мерката притвор во неколку наврати, според ЕЦХР, била политички мотивирана и не може да се оправда. Народната демократска партија (ХДП), која е предводена од Демирташ, ја поздрави денешната пресуда и оцени дека тоа значи дека другите уапсени пратеници веднаш треба да бидат ослободени.
Судот во пресудата наведе дека долгите притвори на политичките противници на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган очигледно се политички мотивирани. Судот, исто така, ѝ нареди на Турција на Демирташ да му плати 10 илјади евра надомест и 15 илјади евра за судски такси и даноци. Пресудата ќе стане конечна во рок од три месеци, доколку една од страните не вложи жалба.