Ирак и Иран заеднички против санкциите на САД

Хасан Рохани, претседател на Иран

Ирак и Иран ќе соработуваат за да ја зајакнаат меѓусебната трговија, изјави ирачкиот претседател, Бархам Салих.

„Имаме блиска соработка со Иран и ќе продолжиме да ја развиваме. Време е да воспоставиме регионален систем што ќе им служи на луѓето во регионот. Сакаме Ирак да биде место за примирје меѓу земјите од регионот, а не место за конфликт“, соопшти Салих на прес-конференцијата по средбата со претседателот Хасан Рoхани во Техеран.

Посетата на Салих во Иран е прва од страна на ирачкиот претседател откако тој беше изгласан минатиот месец. Рoхани пак, изјави дека разговорите со неговиот колега биле во врска со соработката за енергија меѓу двете земји.

„Разговаравме за продолжувањето на пругата помеѓу иранскиот град Шаламџа и Басра во јужен Ирак. Сакаме да го зголемиме тргувањето со Ирак на 20 милијарди долари годишно“, изјави претседателот на Иран.

Иран и Ирак се здружија по најновите санкции што САД ги воведоа против Иран. Ирак постојано се бори со недоволно производство на електрична енергија, зависи од својот сосед и увозот на природен гас за своите електрани.