Иванов на средби со јорданскиот државен врв

Претседателот Ѓорге Иванов се сретна со претседателот на Сенатот на Јордан, Фаисал Ел-Фајез во Аман

Претседателот Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Хашемитското Кралство Јордан, денеска во Аман, остварил средби со премиерот на Кралството Јордан, Омар Разар, со претседателот на Сенатот, Фаисал Ел-Фајез, со спикерот на Претставничкиот дом Атеф Таравнех, како и со членови на Претставничкиот дом.

Македонскиот претседател изразил надеж дека со интензивирањето на политичкиот дијалог, ќе се отвори можност за натамошна идна соработка во сферата на економијата, безбедноста, културата и образованието, преку потпишување на меѓувладини договори и унапредување на правната рамка. Претседателот Иванов и премиерот Разар размениле мислења и во однос на бегалската и мигрантската криза и се осврнаа на предизвиците на Блискиот Исток и на состојбите во Европа, информираат од Кабинетот на Претседателот.

Вчера, претседателот Иванов во Кралската палата Ал Хусеин во Аман, со највисоки државни и воени почести беше пречекан од кралот на Јордан, Абдула Втори Ибн Ал Хусеин. На средбата било потврдено пријателството меѓу Република Македонија и Кралството Јордан.