Десетици луѓе се собраа пред резиденцијата на уругвајскиот амбасадор во Лима, откако поранешниот перуански претседател Алан Гарсија побара азил во амбасадата.
Некои од насобраните го поддржуваа, а други протестираа против него.
Гарсија „побара азил од таа земја, во согласност со одредбите на Конвенцијата за дипломатски азил од 1954 година, што ја имаат потпишано и Перу и Уругвај“, соопшти перуанското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека барањето „треба да биде разгледано од страна на владата на Уругвај“.
Судот во Лима му забрани на Гарсија да ја напушти земјата во наредните 18 месеци додека трае истрагата за наводите дека примил мито од бразилската градежна компанија Одебрехт.
Гарсија во врска со ова изјави:
„Одненадеж доаѓа изјава од никаде каде што судијата вели: Барата, од Одебрехт, ми рекол дека направил белешка од 20 милиони. Значи, тие велат: 20 милиони минус осум што му ги дале на заменик-министерот, другите 12 мора да бидат на Алан Гарсија. Покажете ми ги, ве молам, имбецили, покажете, најдете нешто“.
Генералниот секретар на партијата АПРА Бенињо Чиринос пак изјави:
„Претседателот Гарсија ја донесе одлуката да побара азил во амбасадата на Уругвај, бидејќи оваа недела врз основа на недемократски циркус изведен од страна на обвинителот, бевме информирани оти нивната намера била да го уапсат, иако тој се одзва на сите 44 покани. Во таа смисла, ако сакаат да го затвораат без никакви докази, не се загарантирани ниту неговиот интегритет ниту неговата слобода“.
Компанијата Одебрехт призна дека дала скоро 800 милиони долари мито на официјални претставници низ Латинска Америка за да добие големи инфраструктурни проекти.
Поради овој скандал се упасени многу политичари, највеќе во Бразил и Перу.
Гарсија, кој претежно престојува во Шпанија, пристигна во Лима во минатиот четврток да сведочи во случајот пред обвинител, кој пак го одложил рочиштето и побарал да му се забрани на поранешниот претседател да замине.
Обвинителот во случајот, Хозе Перез, исто така, го обвини Гарсија дека примил 100.000 долари за учество на конференција во Бразил, наведувајќи дека и тие парите најверојатно доаѓаат од Одебрехт.
Гарсија на два пати беше претседател на Перу, од 1985 до 1990 и од 2006 до 2011 година.