Британската премиерка наредната недела ги продолжува разговорите за Брегзит во Брисел

Британската премиерка Тереза Меј

Британската премиерка Тереза Меј, чиј предлог-договор со ЕУ Брегзит е оспоруван, денеска навести дека наредната недела ќе се врати во Брисел да разговара за излезот на Велика Британија од Унијата. По, како што рече, тешката недела во која неколку министри од нејзината влада поднесоа оставки поради несогласување со компромисот за Брегзит, таа рече дека наредните седум дена ќе бидат „пресудни“.

„Всушност, повеќе преговори се во тек и ништо не е договорено дека сè не биде договорено“, рече денеска Меј во интервју за Скај њуз.

Таа во Брисел треба да разговара за „идниот однос“ меѓу Велика Британија и ЕУ.

По оставката на министерот за Брегзит, Доминик Раб, на Меј ѝ се заканува и гласање за недоверба на владата, ако тоа го побараат 15 отсто од членовите на нејзината Конзервативна партија во парламентот, односно 48 пратеници, но тој праг сè уште не е постигнат.

Во Британската влада велат дека до Самитот на ЕУ за Брегзит на 25 ноември има уште време и дека БРитанија би можела да добие „повеќе“ од Брисел.

Лидерот на опозициските Лабуристи, Џереми Корбин, денеска предупреди дека неговата партија нема да гласа за договорот, кој треба да му биде претставен на британскиот парламент во декември, и ја повика Меј да се врати во Брисел и повторно да преговара за траен царински аранжман со ЕУ и гаранција за правата. Тој исто така рече дека втор референдум за Брегзит е опција за иднината, но не и за сега. Меј категорично исклучува втор референдум.