Мета - Договор меѓу Белград и Приштина ќе донесе олеснување на Балканот

Албанскиот претседател Илир Мета.

Албанскиот претседател Илир Мета се надева дека Белград и Приштина ќе постигнат договор на „добар и одржлив начин“, кој би придонел за зајакнување на регионалната стабилност. Таков договор би му донел олеснување на регионот, вели Мета.

„Се надеваме дека договорот меѓу Македонија и Грција ќе се имплементира и дека ќе биде постигнат договор меѓу Белград и Приштина на добар и одржлив начин. Балканот страдаше со години и на тоа треба да се стави крај. Само мирен и просперитетен регион може да им донесе иднина на младите“, изјави Мета за белградскиот весник „Данас“.

Мета вели дека силно го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина, бидејќи иако Тирана не е дел од тој процес, сепак нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово, ќе им помогне и на Србија и Албанија „да живеат на нормален начин, без стрес и неизвесност“.