Бројот на жртви од пожарот во Калифорнија се зголеми на 63, над 600 исчезнати

Најмалку 63 луѓе загинаа, а 631 се водат како исчезнати во големиот пожар на северот на Калифорнија. Ова е најсмртоносниот шумски пожар во САД во изминатите 100 години. Властите наведуваат дека меѓу исчезнатите има и луѓе кои веројатно избегале од пожарот, но не знаат дека се пријавени како исчезнати.

Во пожарот биле уништени над 9.800 домови, а околу 52 илјади луѓе се евакуирани во засолништа, кај роднини и пријатели и во мотели, додека некои се сместени на големиот паркинг и блиската полјана во местото Чико, на 20 километри од огнот.

Пожарот кој почна пред една недела целосно го уништи местото Парадајс, каде што спасувачите ги извлекуваат телата на загинатите од изгорените куќи и автомобили.

Квалитетот на воздухот во голем дел од Калифорнија е толку лош поради големите облаци од чад, па училиштата од Сакраметно до брегот на Тихиот Океан денеска беа затворени.