На Груевски ќе му се суди во отсуство за „шамарите во Центар“

Протест пред Општина Центар на 6 јуни 2013

Судот на почетокот на денешното рочиште за случајот „Насилство во Центар“ донесе одлука на обвинетиот Никола Груевски, кој избега во Унгарија, да му се суди во отсуство. Судијата Душан Јосифов кажа дека обвинетиот Никола Груевски не е присутен и оти добиле известување дека не е достапен на полицијата.

Обвинителката Фатиме Фетаи, рече дека постојат важни причини на обвинетиот да му се суди во отсуство и оти воопшто не е извесно дали ќе стане достапен. Дополнително Фетаи побара на Груевски да му биде одредена и мерка притвор и за оваа постапка.

Адвокатот Димитар Дангов, предлогот го отфрли како неоснован.

„Груевски одлучил да побара политички азил и од тука не постои бегство и одлука да се крие од Македонија, туку користење на право за барање на азил. Оттука не се исполнети условите за судење во отсуство и бараме само раздвојување на постапката“, изјави Дангов. Судот по барањето за притвор на Груевски, со оглед дека е пратеник, кажа дека ќе одлучи по добивање на мислење за тоа.

Во судница се присутни останатите обвинети, меѓу кои и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој со полициско обезбедување беше донесен од притвор.

Груевски и Јанакиески, заедно со повеќе лица се обвинети за насилствата во општина Центар во 2013 година.