Вибер комуникација на 27 април – Отворајте вратите, ако треба ќе гинеме за Македонија

Демонстранти упаднаа во Собранието и предизвикаа насилства на 27 април 2017

Отворајте вратите, се брани Македонија, нема назад, ако треба ќе гинеме за Македонија се дел од СМС и вибер пораките коишто си ги разменувале пратеници и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ за време на насилствата во Собранието на 27 април минатата година.

На денешното рочиште во Кривичниот суд се читаа пораките од телефонот на пратеникот Крсто Мукоски, кој е еден од обвинетите за насилствата.

Во вибер групата, во која се допишувале, пратеникот Јохан Тарчуловски напишал „удрија душманите, нема назад“, а Васил Пишев „браќа и сестри нема пуштање, ако треба ќе гинеме за Македонија“

Во вибер комуникацијата се вклучува и жена, која во телефонот на Мукоски била запишана како колешка Чаир. Таа пишува „Шекерка мене остајте ми ја. Отварајте дечки вратите“. Сашо Лазаревски во групата напишал „Села веќе може да е аут“, по што Саше Стефановски пишува „50 возила и автобуси од Битола“, а поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески напишал „го заземавме просторот“.

Во 20:36 часот, кога веќе толпата е влезена во Парламентот, соговорник во вибер групата на телефонот на Мукоски пишува „Зоки требаше до сега на едно друго место да биде, ама за тоа другпат“.

Беа читани и пораки од телефонот на пратеникот Весел Мемеди.

На минатото рочиште беше презентирана комуникацијата од мобилниот телефон на поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.