Неколкумина британски министри поднесоа оставки во знак на протест против нацрт-договорот за Брегзит постигнат меѓу Лондон и ЕУ по неколкумесечните преговори.
Преговарачот на ЕУ Мишел Барние и британската премиерка Тереза Меј синоќа соопштија дека го договориле за нацрт-договорот за излегување на Велика Британија од Унијата кој има 585 страници.
Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, го закажа Самитот на лидерите на ЕУ за Брегзит за 25 ноември. На Самитот треба да се даде поддршка за договорот.
„Ако не се случи нешто невообичаено, ќе одржиме состанок на Европскиот совет за да го финализираме и формализираме договорот за Брегзит“, рече денеска Туск.
Сепак, останува нејасно дали Меј ќе може да обезбеди поддршка за договорот од Долниот дом на британскиот парламент.
Клучниот проблем при постигнувањето на договорот беше копнената граница меѓу Велика Британија и Република Ирска, која е членка на ЕУ.
Многумина поддржувачи на Брегзит веќе го осудија договорот, велејќи дека со него Британија останува тесно поврзана со ЕУ и нејзините регулативи дури и по излегувањето од Унијата.
Неколкумина про-ЕУ британски политичари, пак, рекоа дека ќе гласаат против договорот, со надеж дека Брегзит ќе пропадне и земјата ќе остане во ЕУ.
Тоа, пак, го зголемува ризикот дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ може да се случи без договор, што, според експертите, може да има катастрофални економски последици и законска конфузија.