Протест пред Владата: „Нема правда, нема мир или заборавивте?”

Владата на Македонија.

Група граѓани вечерва се собраа на протест пред Владата за да побараат одговорност за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Будимпешта.

Граѓаните се организираа на социјалните мрежи.

„Нема правда, нема мир или заборавивте?”, „Како што го пуштивте, така да го вратите”, „Одговорност”, се дел од написите на транспарентите истакнати на протестот.

Присутните побараа итна оставка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но и притвор за Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК и братучед на Груевски.

„Не се боревме за луѓе да седнат во фотељи, а правдата да не биде исполнета. Затоа некој мора да понесе одговорност. Министерот Спасовски, дури и да нема политичка одговорност, а има, има морална одговорност да си поднесе оставка бидејќи дозволија да избегаат. Или се неспособни Груевски да го задржат во земјава, човек кој е осуден на затворска казна, или му овозможиле да избега од земјава“, рече пред присутните Здравко Савевски од „Левица“.