Спасовски ја префрла одговорноста на судот за бегството на Груевски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека одговорноста за тоа што поранешниот премиер Никола Груевски е во бегство треба да ја преземат судовите кои не му определиле притвор.

„Размислувам во однос на одговорноста на оние на кои им одредуваат притвор на лицата за кои постои опасност да избегаат. Ги пуштаат слободно да се движат низ државата, слободно да ги обавуваат сите работи кои ги обавуваат и на крај кога се носи пресудата тие не се во притвор за да можат да бидат обезбедени, иако се со повеќе кривични дела. Притвор се одредува за случаи на разбојништво и тешки кражби, а за потешки случаи не се одредува. Полицијата работи исклучиво по наредбите кои ги издава судот и таа без наредба не може да следи кого било и постојано да биде присутна со него, околу него само заради тоа што се води судска постапка против него“, рече Спасовски по регионалната конференција „Справување со антисемитизмот и адресирање на безбедносните потреби на Еврејските заедници“, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој рече дека не е законски полицијата да следи луѓе без судска наредба.

Спасовски вели дека Груевски, за кого е издадена национална потерница за отслужување двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“, вчера бил баран во неговиот дом, а потрагата ќе продолжи на уште неколку локации. Се спроведуваат и други мерки, како прегледи на возила, а зајакнато е полициското присуство на излезот од Скопје и на граничните премини.