Расправа во Собранието за четвртиот уставен амандман

Устав на РМ.

Собраниската Комисија за уставни прашања ја почна расправата за четвртиот и последен нацрт-амандман, односно за амандманот 36 со кој се предлага да се замени членот 49 од Уставот, што произлегува од потребата за имплементација на Договорот од Препа меѓу Македонија и Грција.

Со нацрт-амандманот, како што појасни премиерот Зоран Заев, се предлага и се потенцира обврската на Република Македонија за заштита, гарантирање и негување на историското и културното наследство на македонскиот народ, како и заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство и унапредување на нивните врски со татковината.

Во амандманот е пропишано дека Републиката се грижи и за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. Тоа се прави на начин кој нема да предизвика нови кавги и проблеми со соседите, туку ќе гради трајно пријателство, рече Заев.

„Идентитетот на македонскиот народ е заштитен. Нема да има никакви промени во идентитетот. Се внесува обврска во Уставот за заштита и негување на македонскиот идентитет. Овој став е на предлог на новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија“, рече Заев.

Тој нагласи дека внесувањето во Уставот на дополнителна заштита на македонскиот идентитет не е на сметка на другите заедници, бидејќи во членот 48 веќе има силни гаранции за иднетитетот на заедниците.

Претникот Фадил Зендели од БЕСА рече дека дијаспората не е само македонска, туку е и на другите етнички заедници.

„Не може припадниците на другите етнички заедници да се третираат како граѓани кога се во странство“, рече Зендели.

Сурија Рушити од Алијансата на Албанците обвини дека Уставот ги дели граѓаните во земјава на граѓани од прва и втора категорија, односно на „сопственици и кираџии.“

Тој посочи дека нема ниту еден пример каде правото се обезбедува врз основа на процентуална застапеност како кај нас и побара да се вметне одредба за заштита на културното и историското наследство на Албанците од Република Македонија.