Блокади во Струмица против рудникот „Иловица-Штука“

Протест во Струмица против отворање на рудникот Иовица-Штука. 10.11.2018.

Со двочасовна блокада на крстосницата на влезот во Струмица од правците на Валандово и граничниот премин Ново Село, активистите на здружението „Здрава котлина“ и граѓани од Струмичко уште еднаш го искажаа своето спротивставување на отворање на Рудникот за злато и бакар „Иловица-Штука“ на компанијата „Еуромакс Рисорсис“.

Според организаторите, целта на блокадата е на сите надлежни државни институции заеднички да им се покаже дека трпението е изминато и дека проблемот мора да се реши во полза на општиот интерес на граѓаните од целиот регион.

„Изминаа многу месеци откако никој ништо не презема во врска со рудникот „Иловица-Штука“. Мора ова прашање да се отвори и да се стави на маса и конечно да се затвори, затоа што навистина има правни издржани факти кои се однесуваат на тоа дека рудникот треба да се затвори, вели Стојан Велков-Трн, од Здружението „Здрава котлина“.

Тој додаде дека денешната блокада се организира и поради законот за минерални суровини, кој пратениците не го разгледале. Организаторите очекуваат нивните барања да бидат прифатени, а во спротивно најавуваат радикализирање на активностите против рудникот.