На 20 ноември продолжува рочиштето за убиството на Никола Саздовски

Архива: Навивачката група Комити, чиј член беше убиениот Никола Саздовски, организира протест за казнување на неговите убијци

По првото рочиште за убиството на Никола Саздовски, бранителот на еден од обвинетите Насер Рауфи изјави дека обвинетите Бесим Беља и Скендер Демири немале умисла да го убијат Никола Саздовски, туку сакале само да го истепаат. Според него, обвинението кое претходно беше квалификувано како насилство, поради протестите на навивачката група „Комити“, e преквалификувано како убиство.

Адвокатот на семејството на Саздовски, Ванчо Шехтански, рече дека се задоволни од денешниот исказ на сведокот, малолетничката В.Б.

"Констатацијата во однос на шпекулациите што се јавија дека повредата е настаната при пад од удар, се демантира во исказот, децидно и јасно", рече Шехрански.

Нагласи дека настанот траел повеќе од минута во континуитет, и Саздовски примил повеќе удари кои што довеле до кривичното дело кое се става на товар.

Претходно обвинетите Беља и Демири пред судечкиот совет се изјаснија дека не се чувствуваа виновни за убиство на свиреп начин на Саздовски.

Следното рочиште, судијката Даниела Алексовска-Стојановска го закажа за 20 ноември кога ќе продолжи со искази на нови сведоци