Додатокот за трето дете не се укинува за оние кои веќе го примаат

Илустрација

Оние родители кои веќе користат додаток за трето дете ќе продолжат да го користат и во иднина, а идните родители на трето дете ќе можат да аплицираат за остварување на ова право до 10 месеци по донесувањето на новиот закон, појасни денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа додаде дека мерката трето дете не ги дала посакуваните ефекти и не го зголемила наталитетот. Пред 10 години, рече Царовска, тој изнесувал 13,3 отсто, а во 2016 – 11,1 отсто, така што издвоените средства од 2,6 милијарди денари годишно не ги дале посакуваните резултати.

„Најважно за сите граѓани кои примаат додаток за трето дете е да се каже дека тој не се укинува и тие ќе продолжат да го остваруваат ова право како по претходниот закон, а ќе можат да го остварат правото и во наредните 10 месеци откако законот ќе биде донесен, затоа што можеби во меѓувреме зачнале или ќе зачнат во моменти на носење на законот“, истакна Царовска.

Наместо месечен додаток од 8 илјади денари за трето дете, кој се доделува на семејството, додека детето наполни 10 години, владата сега ќе доделува 5 илјади денари за прво, 20 илјади денари за второ и 60 илјади денари за трето дете, а семејствата со социјален ризик ќе може да добиваат и детски додаток.