Почна судењето за убиството на Никола Саздовски

Архива: Навивачката група Комити, чиј член беше убиениот Никола Саздовски, организира протест за казнување на неговите убијци

Во Кривичниот суд во Скопје денеска започна судењето на Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски. Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со 19-годишниот Јетон Љужа, кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката Алкалоид во Автокоманда.

Тие му пристапиле на Саздовски и му побарале лична карта. Откако им ја покажал, неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите, нанесувајќи му тешки телесни повреди, од што паднал во кома. Од здобиените повреди Саздовски на 9 јули почина на Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ во клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Комитите маршираа за правда за Саздовски

Основното јавно обвинителство за смртта на Никола Саздовски, тројцата обвинети ги гони за кривично дело „убиство на свиреп начин“. Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Шутка“, а за третиот осомничен кој сè уште е недостапен распишана е домашна и меѓународна потерница.