Историскиот контекст е сочуван, а правото на самоопределување е признаено од Грција. Подготвен сум да ја сносам политичката цена, но тоа е вредно за Македонија, рече премиерот Зоран Заев на денешната дебата за нацрт-амандманите на Уставот во собраниската Комисија за уставни прашања. Тој рече и дека е длабоко убеден оти осигуруваат иднина за генерациите кои доаѓаат.
Во репликите на пратениците за вториот нацрт-амандман, за кој се расправа попладнево, премиерот Заев истакна дека нема да има друг и подобар договор и оти двете страни добиваат од договорот.
Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ предложи во Преамбулата на Уставот да бидат внесени уште три документи и тоа Уставот на Република Македонија од 1991 година, како и востаничкиот устав од Кресенското востание и првиот устав на ТМОРО.
Алијансата за Албанците и движењето „Беса“ и денеска повторија дека отворањето на уставните измени е добар момент да се разговара за сите отворени прашања и предложија Македонија во Преамбулата да се дефинира како мултиетничка држава.
Во вториот нацрт-амандман се предлага одлуките од АСНОМ да се заменат со прогласот од АСНОМ и да се внесе Охридскиот рамковен договор. Комисијата за уставни прашања веќе го прифати првиот од четирите нацрт-амандмани. Со него се предвидува замена на зборот Република Македoнија со Република Северна Mакедонија секаде во Уставот, освен во членот 36 кој има историски аспект.