Заев - Нема владина реконструкција, но може да има смена на министри

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев дека не размислуваат за владина реконструкција, при вакви, како што рече, сериозни парламентарни процеси и дека нема да има реконструкција, но веројатно ќе има смена на министри.

„Ако некој министер не доаѓа во Владата, логично е дека треба Владата да седне, да размисли, тоа да се промени. Тоа е редот на работите. Секако разговараме со коалициските партнери, кои споделиле одговорност со нас и во делот на другите ресори“, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на привремените живеалишта на бездомници во Визбегово.

Порталот СДК.мк претходно објави дека вицепремиерот за рамковен договор Хазби Лика со месеци не доаѓа на работа, поради тоа што му бил лут на неговиот партиски лидер Али Ахмети.

Претседателот на ДУИ, Ахмети, пак, на вчерашната дебата во телевизија Клан Македонија, негираше дека се дискутирало за нова владина реконструкција.

„Важните работи се движат во добра насока, иако не е направена детална анализа за нашите функционери. Не сакам да искажувам мое индивидуално мислење, без конкретна анализа. Овие работи ги дискутираме со партиските органи, но и со партнерите во коалицијата, затоа што одговорност и анализа ќе има. Политиките треба и се прават заедно и нормално е дека ќе ги дискутираме“, рече лидерот на ДУИ на гостувањето во ТВ Клан Македонија.