Белата куќа му ја одзеде акредитацијата на новинар од Си-Ен-Ен

Конфронтација на претседателот Доналд Трамп и новинарот Џим Акоста

Белата куќа му ја одзеде акредитацијата на новинарот на Си-Ен-Ен, Џим Акоста, откако тој е претседателот Доналд Трамп имаа жестока вербална конфронтација на вчерашната прес-конференција за изборите.

Акоста го праша Трамп дали „ги демонизирал имигрантите“ во кампањата, зборувајќи за мигрантскиот карван кој од Централна Америка се движи кон САД. Трамп рече дека тој само сака мигрантите во земјата да доаѓаат „легално“, на што Акоста рече дека „тие се стотици километри далеку и тоа не е инвазија“. На тоа Трамп изреагира велејќи „Доста е, спуштете го микрофонот“, по што една од службеничките во Белата куќа се обиде да му го земе микрофонот на новинарот. Акоста не го даваше микрофонот и и ја тргна раката.

Белата куќа подоцна го обвини Акоста дека „ставил рака на млада жена која само се обидувала да си ја работи работата како практикант во Белата куќа“, што е „апсолутно неприфатливо“. Акоста на Твитер одговори дека тоа е „лага“.

Си-Ен-Ен застана зад својот новинар и соопшти дека „акредитацијата за влез во Белата куќа му е одземена поради неговите прашања“.

Ова е нов момент во напнатоста меѓу претседателот Трамп и новинарите. Трамп оцени дека резултатите од изборите се „голема победа“ за Републиканците, постигната под притисок од одвратните и непријателски медиуми.

Здружението на известувачи од Белата куќа реагира дека „укинувањето на пристапот до Белата куќа не е во согласност со наводниот прекршок и е неприфатлива“.