„Титаник“ до 13 часот за да можат Груевски и Димовски да присуствуваат на собраниска комисија

Архивска фотографија: Илија Димовски и Никола Груевски

Со преслушување на „бомби“ денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за изборни нерегуларности „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство. Повеќето од разговорите се на екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески од 6 април 2013 година, во периодот меѓу првиот и вториот круг на локалните избори во 2013 година. Од разговорите се слуша како Јанакиески договара списоци со гласачи, акции и можни опции за вклучување на гласачи од Пустец.

Пред почетокот на рочиштето обвинетиот Илија Димовски побара денешната расправа да заврши до 13 часот за да може да присуствува на седница на собраниската Комисија за уставни работи. На барањето се придружи и обвинетиот Никола Груевски. Судијата Осман Шабани, кажа дека се прифаќа барањето, но дека ќе се работи до 13 часот без пауза.

Во „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешни министри и други функционери за местење на избори.