Лазаревски: Грујовски ми прати порака дека тој лично ќе ми го пресече гркланот

Обвинетиот во случајот „Таргет-Тврдина“, поранешниот началник на Петтата управа при МВР, Горан Грујовски

Ѓорѓи Лазаревски, во своето сведочење во предметот „Таргет-Тврдина“, на денешното рочиште, изјави дека Горан Грујовски, еден од обвинетите во случајот, му пратил закана „дека лично тој ќе му го пресечел гркланот ако бил инволвиран“.

„По апсењето на Зоран Верушевски, ми се јави Звонко Костовски, кој во тој момент бил во присуство на Горан Грујоски, и ми пренесе порака од него дека доколку сум бил инволвиран во случајот, лично ќе ми го пресечел гргланот“, сведочеше Лазаревски.

Тој, одговарајќи на прашање на обвинителот Трајче Пеливанов за моментот кога бил уапсен Верушевски и за неговото пријавување во МВР на барање на Грујовски, рече дека сфатил оти е подобро да пријави што се случува.

„Сфатив дека е подобро да пријавам што се случува, иако Зоран Заев објави дека материјалите му ги дале вработени во МВР кои веќе биле во странство. Побарав средба со Горан Грујовски и таму кажав дека јас ги предадов материјалите на Верушевски“, рече Лазаревски пред Судот, и додаде дека пред да појде во МВР го избришал дискот каде што ги чувал податоците и го предал на обвинителството. Појасни дека ги избришал податоците „за да биде сигурен дека нема да биде злоупотребен материјалот кој неколку години го предавал на Верушевски“.