САД, мигрантска опасност или предизборна кампања

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп: 15.000 војници на границата со Мексико

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите држави би можеле да испратат околу 15.000 војници на границата со Мексико. Тој ова го соопшти откако се појави уште една караван мигранти кои бегаат од насилството и сиромаштијата во Централна Америка.

Со демократите подготвени да направат сериозни придобивки на претстојните избори за Конгресот, Доналд Трамп е во обид да ги поттикне републиканците, одржувајќи единаесет митинзи за помалку од една недела.

Притоа тој ја зголемува антиимигрантската реторика, но и военото присуство на јужната граница.

„Имаме околу 5.800. Ние ќе одиме помеѓу 10 до 15.000 воени лица“.

Трамп и нареди на војската да се распореди на мексиканската граница откако каравани со мигранти одат на север, иако тие се неколку месеци далеку од приближувањето до Соединетите држави.

Републиканците го поддржаа ова распоредување, но критичарите велат дека Трамп ја политизира војската како трик за да ги поттикне републиканските гласачи да излезат на изборите без вистинска закана за националната безбедност.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис пак ги отфрла ваквите наводи.

„Поддршката што ја даваме на секретарот за домашна безбедност е практична поддршка врз основа на барањата на комесарот на царината и на граничната полиција и затоа не правиме акробации во овој оддел“.

Трамп, на митингот во Мајами го бранеше неговото ветување да стави крај на правото на државјанство за деца родени во САД од родители кои не се американци.

„Оваа политика дури создаде и цела индустрија на туризам на раѓање. Голем бизнис, каде што бремените мајки патуваат во Америка за да ги направат своите деца инстант американски државјани“.

Според Трамп, гласањето за демократите е глас за ликвидација на границите на Америка.

Во меѓувреме, низ Мекско кон Соединетите држави се движат два каравана со околу 6.000 луѓе.

Мексиканскиот министер за внатрешни работи Алфонсо Наварете вели дека станува збор за хуманитарна криза:

„Ние поминуваме низ ситуација без преседан во земјата. Ова не е караван како што објавија медиумите. Ова е егзодус на мигранти. Така владата го гледа и реагира како таква. Имаше неколку миграциски кризи во земјата, како што се случува сега. Во 80-тите години со Гватемалците, но тогаш условите беа различни, имаше војна. Тука зборуваме за хуманитарна криза“.

Караваните во момнетов се на околу 1.600 километри од американско мексиканската граница.