Бугарските обвинители денеска соопштија дека поднеле обвинение против висок државен функционер, како дел од истрагата за фалсификување документи, за кои тврдат дека им овозможуваат на странците да добијат бугарски пасоши и слободно да патуваат во Европската Унија.
Како што пренесуваат медиумите, Бугарија постигна мал напредок во борбата против корупцијата откако влезе во ЕУ во 2007 година и е под притисок на Европска Комисија да ги зајакне агенциите за спроведување на законот и кривично да ги гони и да ги осуди корумпираните функционери.
Властите во понеделникот го уапсија Петар Харалампиев, шеф на државната Агенција за Бугарите што живеат во странство, под сомневање за земање мито и водење организирана криминална група. Адвокатот на Харалампиев рече дека тој ги негира обвиненијата.
Дваесетина лица, исто така, беа уапсени во истрагата, вклучувајќи го и генералниот секретар на Агенцијата, кој се соочува со обвинение за примање мито и незаконско користење влијание.
Обвинителите тврдат дека апликантите претежно се од Западен Балкан, од Молдавија и од Украина и дека плаќале до 8.000 евра за фалсификувани сертификати кои покажуваат дека имаат бугарско потекло. Исто така, додаваат дека се плаќало и мито за да се забрза процесот.