Австрија не го прифаќа мигрантскиот договор на ОН

Архивска фотографија- австрискиот вицепремиер Хајнц-Кристијан Штрахе

Австриската влада соопшти дека нема да го потпише мигрантскиот договор на ОН кој треба да биде усвоен во декември, со што им се придружува на САД, Унгарија и Австралија во отфрлањето на договорот. Влада меѓу другото се противи на одредбите од Глобалниот договор за миграција, кои предвидуваат членовите на семејството да им се придружат на мигрантите во странство.

„Ние одлучуваме кој доаѓа во Австрија, и никој друг“, изјави вицепремиерот Хајнц-Кристијан Штрахе од крајно десничарската Партија на слободата на прес-конференција, додавајќи дека миграцијата не е, и не смее да стане човеково право.

На конференцијата на ОН во Мароко на 10 и 11 декември, кога треба да се усвои договорот, нема да присуствуваат австриски делегати. Договорот, кој не е обврзувачки, поставува 23 цели за отворање на легалната миграција и подобро менаџирање на миграциските текови. САД во декември соопшти дека се повлекуваат од преговорите за договорот, зашто одредбите „не се во согласност со американската политика за имиграција и бегалци“. Унгарскиот антиимигрантски премиер Виктор Орбан во јули рече дека неговата влада ќе го бојкотира договорот, зашто е „опасен за светот и за Унгарија“.