НАТО и Русија ќе одржат воени вежби, Столтенберг очекува професионалност

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг учествува на воените вежби „Trident Juncture“.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека очекува Русија да се однесува на „професионален“ начин, во услови кога оваа недела Руската морнарица и Западната воена алијанса ќе одржат вежби во иста област, во водите на норвешкото крајбрежје.

Зборувајќи денеска, откако присуствуваше на воените вежби на НАТО „Trident Juncture“, во неговата родна земја Норвешка, Столтенберг потврди дека минатата недела воената алијанса била информирана за планираните тестови на Русија на ракети во меѓународните води на скандинавската земја, од 1 до 3 ноември.

Тестирањето на ракетите и воената вежба на НАТО, најголема од крајот на Студената војна, доаѓаат во услови на постојани тензии меѓу Алијансата и Русија.

Кремљ ја обвини Алијансата за провокативно однесување во близина на нејзините граници, додека НАТО остро ја критикуваше руската анексија на Крим и поддршката на Москва на сепаратистите во источна Украина.

Столтенберг, обидувајќи се да ги намали тензиите, рече дека ова не е прв пат вежби да се одржуваат во близина еден на друг „без создавање на опасни и тешки ситуации.“