Германската канцеларка Ангела Меркел им кажала на соработниците од нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ) дека е подготвена да не се кандидира повторно за лидерското место во партијата, но сака да остане канцелар, објави германската новинска агенција ДПА. Партиски извори за ДПА изјавиле дека до ова доаѓа по намалувањето на поддршката на конзервативната коалиција на парламентарните избори во две германски сојузни држави во изминатите две недели.
Поддршката на ЦДУ падна за 10 проценти во државата Хесен. Сестринската партија на ЦДУ, Христијанско социјалистичката унија доживеа слични загуби на изборите во Баварија.
ЦДУ треба да избере нов партиски лидер на Конгресот во декември. Меркел е на чело на партијата од 2000 година, а ја води германската влада од 2005 година.